Доналд Трамп објави дека САД го заробиле претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако утрово беа изведени воздушни напади на повеќе места во земјата. Тој потврди дека САД стојат зад нападите.

САД успешно изведоа голем напад врз Венецуела, а нејзиниот лидер Николас Мадуро, кој беше со неговата сопруга, е заробен и изнесен надвор од земјата. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските служби за спроведување на законот. Деталите ќе следат на прес-конференција во Мар-а-Лаго, кажа Трамп.

Владата на Венецуела ги осуди нападите како чин на агресија и прогласи национална вонредна состојба. Покрај главниот град Каракас, напади имало и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира, кажа владата.

Според очевидците, експлозии и прелети на авиони во Каракас се слушале од два часот по локално време и траеле околу 90 минути.

САД долго време го обвинуваат Мадуро дека предводи меѓународна организација за трговија со дрога, што тој го негира. Вашингтон притоа понуди награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Мадуро.