Македонскиот тенисер Калин Ивановски по голема борба и два добиени сета во тај брејк успеа да избори полуфинале на Macedonian Open 2026 откако го совлада шестиот носител Александре Вајс од Италија со 2-0 во сетови (7:6(5) и 7:6(3). Триумфот македонскиот тенисер го оствари откако во вториот сет успеа да ја надополни негативата од 1:4 во гемови. Мечот траеше 2 часа и 40 минути

Во првиот сет Ивановски стартуваше со предност од 2:0 во гемови откако направи брејк, но Вајс се врати брзо резултатски и изедначи на 2:2. До крајот на сетот секој од тенисерите успеваше да го земе гемот на свој сервис, па така сетот се решаваше во тај брекот. Во првиот девет поени немаше мини-брејк, а десеттиот поен Ивановски го доби на сервис на Вајс и со тоа направи предност, а тај брејкот заврши 7:5 на поени.

И вториот сет стартуваше со брејк на на Ивановски од 1:0 во гемови. Но, следуваше период кога Вајс направи мини серија и поведе со 4:1 во гемови. Но, Ивановски успеа да ги надмине тешките моменти со брејк во седмиот гем и намали на 4:3 и успеа сетот да го врати во рамнотежа, откако изедначи на 4:4. По 6:6 во гемови повторно сетот се решаваше во „13.та игра“ и тука Ивановски почна одлично по 1:1 во поени со два мини-брејка, следуваше серија од пет поени за Ивановски и 6:1. Откако Вајс ги зема двата поена на свој сервис и намали на 6:3, Ивановски првата меч топка ја искористи за да го добие мечот.

Противник во полуфиналето утре ќе му биде Јанаки Милев од Бугарија, кој со 2:0 во сетови (6:4, 6:2) го совлада третиот носител Себастијан Соргер од Австрија.

Во втрото полуфинале ќе играат Владислав Орлов од Украина и Стефан Поповиќ од Србија. Орлов во денешното четвртфинале беше подобар од Петар Јовановиќ од Црна Гора со 2-0 во сетови (6:0, 6:2), додека Поповиќ го совлада Николас Бруна од Чиле со 2-0 (6:4, 7:6(2)).

Во попладневните часови на програмата се мечевите во конкуренција на двојки, а по нивното завршување ќе биде позната и сатницата за полуфиналните мечеви.

Инаку македонската комбинација Обрад Марковски – Горазд Србљак оствари победа во првото коло од турнирот во двојки. Тие со 2-0 во сетови (6:4, 6:1) ги победија Иван Ангелов (Украина) и Андре Мајнерц (Данска), а следни противници попладнево ќе им бидат Амар Хусеиновиќ (Македонија) и Роман Постолка (Чешка).