Пет месеци по сензационалниот триумф над Германија на гостински терен, македонската фудбалска репрезентација вечерва против Ерменија во Скопје ги продолжува квалификациите за пласман на Мундијалот 2023 во Катар.

Дуелот против водечкиот тим во квалификациската група Ј ќе означи нов почеток за македонската репрезентација, која предводена од новиот селектор Благоја Милевски, за прв пат ќе настапи без незаменливиот лидер во минатото Горан Пандев и неговиот долгогодишен соиграч Иван Тричковски, а со осум нови имиња, од кои четворица дебитанти.

– Оптимист сум, иако немавме доволно време да ги пренесеме сите наши замисли и идеи. Но, верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Тие се добри карактери и се адаптираат на сите нови замисли. Периодот е специфичен, многу од фудбалерите сè уште го немаат правиот натпреварувачки ритам, или имаат мала минутажа во своите клубови, тоа може да биде наш проблем, но затоа се освежувањата во тимот. Знам дека ќе го дадат својот максимум и ќе потврдат дека со право се тука, изјави селекторот Милевски спроти натпреварот против Ерменија вечерва со почеток од 20″45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Со две победи, над Лихтенштајн и Германија, македонската репрезентација по трите воведни кола е второпласирана во квалификациската група Ј со три бодови помалку од лидерот Ерменија.