Ракометарите на Вардар утре во 20 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје треба да го одиграат последниот меч сезонава во Лигата на шампионите пред својата публика, против унгарски Сегед во првиот меч од четврт-финалето сезонава.

Според капитенот Стојанче Стоилов ова е најважниот меч сезонава. Можеби последен натпревар во Лигата на шампионите на Вардар, по најавата на Сергеј Самсоненко. Сепак, Стоилов додава дека тоа во моментов е оставено на страна.

Знаеме колку е важен овој двомеч со Сегед, во кој Унгарците ја имаат улогата на фаворит. Ќе дадеме сѐ од себе и пред полна сала да победиме и да бидеме чекор поблиску до пласманот на завршниот турнир во Келн. Наш најголем хендикеп во моментов е кратката клупа, но верувам дека ќе имаме сила да одиграме добар меч, ќе дадеме сѐ од себе за да го прикажеме најдобро што го знаеме, а потоа ќе имаме доволно време за одмор за реваншот“, изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Во пресрет на утрешниот дуел, тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо изјави дека тимот е фокусиран само на натпреварот и дека тој и играчите моментно размислуваат само како да одиграат за да го победат Сегед.

Мора да тргнеме сѐ зад себе и да мислиме на мечот. Ова се четвртфинални мечеви и ако сакаме да одиме во Келн мора да победиме. Со оглед на тоа што Сегед зад себе има одлична сезона, сигурен сум дека со нас ќе сакаат да го одиграат своето најдобро издание. Но и ние се подготвуваме за нив и ќе се обидеме да одиграме нешто ново. Ова беше тешка недела за работа, но ќе се обидуваме да одиграме максимално со Сегед“, изјави Парондо.

За Сегед настапуваат поранешните вардарци Жоан Канелас и Хорхе Македа.

Денеска ќе играат Фленсбург–Веспрем и Нант–Барселона со што почнуваат првите четвртфинални дуели во ЛШ, а со саботниот дуел помеѓу Киелце и ПСЖ ќе се комплетира првата четвртфинална фаза.