Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, ФК Вардар доби нови сопственици oбјавија „Комитите“.
„Комити“, кои во изминатиот период управуваа со клубот, потврдуваат дека е постигнат договор со новите сопственици, а наскоро ќе биде објавено нивното име, како и детали од договорот.
„Во името на групата, како и во името на досегашното В.Д. раководство, би сакале да ја известиме јавноста дека денес беше постигнат успешен договор со новите сопственици, кои во периодот што следува, целосно транспарентно ќе го преземат управувањето на клубот. Приказната наречена ,,Вардар – клуб на народот” околу која се обединија илјадници навивачи, а која несомнено ќе остави траен белег во однос на позиционирањето на клубот во одреден општествен контекст, ќе продолжи да живее. Да живее и да се развива!
Би сакале да потенцираме дека во текот на преговорите, заедно со сите засегнати страни, успеавме да го постигнеме најдоброто решение за Вардар и да ги донесеме најважните одлуки, за кои длабоко веруваме дека ќе допринесат пред се кон процесот на целосна рехабилитација на клубот од повеќегодишната криза, а воедно и дека истите ќе допринесат кон тоа да клубот во најбрз можен временски период, повторно се врати на шампионските патеки – онаму каде што припаѓа. Тоа е борбата од која никогаш нема да се откажеме!
Поради комплексноста на самиот процес, а и поради клаузулата за доверливост, не сме во можност да ги изнесеме сите детали на постигнатиот договор. Но, секако во првиот момент, штом договорот биде официјално реализиран, пред јавноста целосно ќе ги соопштиме сите потребни информации.
Тоа што во моментов со сигурност можеме да го соопштиме е дека досегашниот искрен пристап во раководењето на клубот ќе продолжи и понатаму и дека оваа успешна приказна која ја започнавме, заедно со новите официјални сопственици, успешно ќе продолжиме да ја развиваме.
За крај, свесни за историската одлука, би сакале конкретно да им се обратиме на сите луѓе кои допринеле клубот низ годините на тешки борби да опстои и да преживее. Ние никогаш нема да дозволиме клубот да пропадне и ние никогаш нема да дозволиме нашиот заеднички труд да пропадне. Од првиот момент на заедничката борба, не водеше исклучиво емоцијата и искрената приврзаност кон големиот Вардар. Така било така и ќе остане – засекогаш!
За крај, уште еднаш би сакале да потенцираме дека наскоро пред јавноста ќе ги соопштиме сите точки на договорот со новите сопственици, кои заедно со нас се обврзаа да помогнат и да бидат дел од борбата за најголемиот македонски фудбалски бренд – Вардар, кој наскоро повторно ќе се врати во својот дом и кој повторно ќе цели кон европскиот фудбалски врв“, стои во соопштението.
Comments are closed for this post.