По разочарувачката сезона, Реал Мадрид ќе бара засилување, а тренерот Зинедин Зидан потврди дека се прават напори за привлекување офанзивен фудбалер. Имињата кои се поврзуваат со трансфер на „Бернабеу” се Еден Азар и Нејмар.

„Многу играчи сакаат да бидат дел од Реал. Тука се остваруваат соништата. Ќе видиме што ќе се случи. Знам што сакам да сменам, работиме на тоа. Нам ни треба посилен напад и поголем избор, рече Зидан.

Медиумите велат дека договорот со Челзи за Азар е сигурен. Сепак, не е јасно дали Герет Бејл ќе го напушти „Бернабеу” и ако остане, како ќе се вклопи со белгискиот репрезентативец.

„Бејл е среќен и ќе игра до крајот на сезоната. Тогаш ќе видиме. Инаку сите добри играчи се вклопуваат и можат да играат заедно“, коментира Французинот.

Зидан додаде дека не гледа смисла некој играч да одбие да си оди, ако му е кажано дека веќе нема да смета на него.

„Ако некој натпреварувач има договор, може да остане дури и ако не игра. Но, секој сака да биде на теренот, дали сум во право?”, потенцира Зидан.