По одиграни 12 сезони, Франк Рибери го напушти Баерн Минхен. Како следна дестинација на французинот се спомнува Америка, Кина, Русија, останување во Германија, но најблиску до потпис е кувајтскиот Ал Насер, а сега отворено се појави и Фиорентина.

Впрочем виолетовите излегоа на пол-позиција и се многу блиску до реализација на трансферот.

Искусниот Французин минатата недела е виден во Кувајт на завршни преговори, според кои за двегодишен договор би добил 10 милиони евра. Застапниците на Рибери се сомневале дека клубот ќе го испочитува договореното, затоа побарале некакви гаранции или веднаш, однапред да му се исплати сумата. Но, до гаранции не дошло, а стрелецот на 146 голови на 556 натпревари се вратил дома со незавршена работа.

За тоа време прикриената Фиорентина го дочека своите пет минути кои, како што пренесуваат италијанските медиуми, брзо и успешно ги искористила.

Наводно луѓето од клубот и Рибери се договориле за двегодишна соработка по која некогашниот репрезентативец на Франција ќе инкасира 4 милиони евра годишно, плус го очекуваат бонуси. Со нив, би можел да дојде до бројка од 5 милиони евра колку му било понудено од Ал Насер.

Дека работата е сериозна тврди и неговиот последен твит каде вели дека е подготвен за нови предизвици.

Хаштагот ФР7 ги претставува неговите иницијали, а можеби го крие името на новиот клуб.