Средба и дружба на стари пријатели, кои, иако од различни генерации, во пријатна атмосфера се собраа, седнаа да се видат, да си поприкажат за времето изминато, за фудбалот, за заедничките и ривалските битки на теренот, за како било некогаш, за како е сега …

Ветераните на Вардар, но и на македонскиот фудбал воопшто, ги пречекаа своите гости од Црвена звезда, со цел да го одбележат 13 Ноември, денот кога Скопје се ослободи од фашизмот. По тој повод дел од нив излегоа и на зелениот терен на помошното игралиште на ФК Работнички каде што беа дел од ревијалниот меѓусебен дуел при што покажаа дека, времето не влијаело на нивната фудбалска умешност и техника.

За сето време, случувањето беше проследено од голем број луѓе кои го опкружија игралиштето за од блиску да ги видат фудбалските легенди, да поразговараат со нив, да направат по некоја фотографија за сеќавање. А, тие што беа присутни на овој ревијален натпревар ќе имаат убав спомен за и со фудбалските легенди.