Петок, 11 јануари, 15.30 часот е моментот кога македонската машка ракометна репрезентација ќе го почне најновото учество на едно големо натпреварување, Светското првенство што ќе се игра во Германија и во Данска. Овој Мундијал има посебно значење за македонскиот спорт со оглед на тоа што е можеби последната шанса за Златната генерација на македонскиот ракомет, односно генерацијата на Кире Лазаров, да излезе на мегдан со најсилните светски селекции на светската сцена.

Нашиот капитен во првенството влегува со 38 години, но се уште е апсолутен лидер на нашата селекциа без чиј придонес не може да се замисли каков било успех на тимот. Во драстично подмладениот состав на репрезентацијата ќе ги нема неговите соборци од претходните натпреварувања, како Филип Миркуловски, Наумче Мојсоски, Ацо Јоноски …, но тука ќе бидат Стојане Стоилов, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Борко Ристовски… Затоа, пак, првенството е огромна шанса да блеснат и дефинитивно да се наметнат како репрезентатвни ѕвезди играчи како Филип Талески, Филип Кузмановски, Жарко Пешевски …

Како ќе функционира тој микс што го направи селекторот Раул Гонзалес, ќе видиме на првиот настап на нашите ракометари во дуелот против азискиот шампион, Јапонија. Потоа ќе следуваат и дуелите со Шпанија, Хрватска, Исланд и Бахреин. Групата ја играме во Минхен, а од неа во следната фаза одат првите три селекции, резултат што е првична цел на ракометарите. Тааму се формираат две нови групи со по шест селекции, од кои првопласираните две играат полуфинале. Пласманот во оваа фаза е важен за нашата репрезентацја, затоа што конечниот пласман на ова Светско првенство ќе одредува кои репрезентации ќе играат во квалификациите за Олимпијадата во 2020 година.

Во Германија заминавме со 18 ракометари, но во официјалниот протокол селекторот Раул Гонзалес, може да пријави 16. Селекторот има право на три промени во текот на групната фаза.

Состав на репрезентацијата

1. Борко Ристовски

2. Никола Митревски

3. Дејан Манасков

4. Гоце Георгиевски

5. Мартин Поповски

6. Филип Лазаров

7. Филип Талески

8. Мартин Серафимов

9. Велко Маркоски

10. Златко Даскалоски

11. Кирил Лазаров

12. Горан Крстевски

13. Стојанче Стоилов

14. Жарко Пешевски

15. Филип Кузмановски

16. Марио Танкоски

17. Филип Чурлевски

18. Милан Лазаревски

 

Распоред за натпреварите на Македонија

Македонија – Јапонија (11 јануари, 15.30 ч)

Македонија – Бахреин (13 јануари, 14 ч)

Македонија – Хрватска (14 јануари, 18 ч)

Македонија – Шпанија (16 јануари, 20.30)

Македонија – Исланд (17 јануари, 18 ч)

Домаќините го отвораат Мундијалот

Светското првенство почнува денеска со два натпревара, во коишто ќе настапат двата домаќина на Мундијалот. Во 18.15 часот почнуваат натпреварите од групата А, со дуелот Германија – Кореја, додека во 20.15 часот, стартува и Ц групата, со деулот меѓу Данска и Чиле. Ова Светско првенство за првпат во историјата ќе биде организирано од две држави. Учествуваат 24 репрезентации распоредени во четири групи од по шест селекции. Првите три од секоја група одат во втората фаза, а другите екипи ќе разигруваат за пласман од 13 до 24 позиција. Во втората фаза ќе има две групи од по шест селекции, при што првопласираните две од групите ќе одат во полуфиналето.

Репрезентацијата на Франција ја брани титулата освоена пред две години, но со ослабен тим, пред се поради отсуствоото на Никола Карабатиќ. Во редот на фаворитите секакое и актиелниот европски шампион Шпанија, домаќините Данска и Германија, како и Скандинавците, Шведска и Норвешка.