Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Советот на Град Скопје поднесе 14 амандмани на ребалансот на буџетот, кои решаваат горливи проблеми на скопјани, но и се дел од програмата „За модерно Скопје“ за која дадовме поддршка и заради која Данела Арсовска сега е градоначалник,вели советникот Сергеј Попов.

Првиот амандман се однесува на субвенционирање на ФК Вардар од буџетот на градот со 15 милиони денари, односно 250.000 евра. Фудбалскиот клуб Вардар повеќе од 75 години е поим за спорт во Скопје, тој со децении го промовира градот во државата, но и надвор од неа. Клубот заради проблемите во кој се најде се соочува со финансиски потешкотии и веќе втора година по ред игра во втора лига. Вардар има реални шанси да се врати во Првата лига, но за да може истото да го оствари потребни му се финансиски средства за да ги издржи сите трошоци до крајот на натпреварувачката сезона.

Во насока на поддршка на спортот во градот е и амандманот за реконструкција на фудбалскиот терен на ФК Напредок, кој заради лошата состојба во која се наоѓа не може да се користи ниту за тренинг, ниту за одигрување на официјални натпревари.

Почитувани,

Во услови на економска и енергетска криза голем број на наши сограѓани се најдоа во финансиски потешкотии, и  имаат проблеми во нивното нормално функционирање. Со таа цел предвидуваме амандман за одвојување на 15 милиони денари за парична помош за социјално загрозени лица погодени од енергетската и финансиската криза. Оваа мерка е со опфат на 13.000 семејства, приматели на социјална помош, стари и изнемоштени лица,  на кои ќе им се помогне со субвенционирање на потрошената електрична енергија.
Овие амандмани имаат за цел да придонесат за развојот на Скопје, и зачувување на неговите белези, токму заради последната причина е и амандманот за одвојување на 15 милиони денари за реконструкцијата на Универзална сала, која е еден од симболите на градот.

Покрај за спортот, културата и социјалната заштита Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предвидува и неколку амандмани со цел создавање на квалитетна инфраструктура. За таа цел предвидуваме одвојување на 10 милиони денари за изградба на монтажна катна гаража во Општина Карпош, а која има за цел да го реши проблемот со се поголемата потреба од  нови паркинг места во општината.
Со амандман предвидуваме 20 милиони денари за реконструкција и санација на улицата Христо Татарчев, што ќе значи реконструкција и санација на коловозот, пешачките патеки и фекалната канализација.

Реконструкција на ул. Фрањо Клуз за што предвидуваме 7,6 милиони денари, тоа е улица за која веќе има изготвена проектна документација и согласно истата во краток период може да се изврши тендерска постапка за реконструкција. Со ова се подобрува конекцијата на над 5.000 жители на Аеродром со главните булевари во општината.

Заради олеснување на движењето на скопјани во делот на Ѓорче Петров, бараме со амандман да се издвојат 6 милиони денари со цел пробивање и поврзување на улиците Социјалистичка зора со улицата Сремски фронт, како и нивна санација.

Општина Чаир има огромна потреба од реконструкција на повеќе улици, со таа цел поднесуваме амандман за одвојување на 3,6 милиони денари за реконструкција и санација на улици во општината.

Во делот на општина Чаир и општина Шуто Оризари предвидуваме и 10 милиони денари за реконструкција и санација на улица Максут Садик, со што ќе се реши деценискиот проблем на жителите на населеното место Топаана, а која се наоѓа на само 1 километар оддалеченост од строгиот центар на Скопје.

Со амандман се предвидуваат и 3 милиони денари за реконструкција на улицата 30 во населеното место Љуботенски пат во општина Бутел.

Се поголем број посетители на Матка, но и жителите на Долна Матка во Сарај кои се движат по улица 2 во Долна Матка имаат потешкотии кога се движат по улицата, која има потреба од санација и реконструкција, за таа цел предвидуваме 1 милион денари.
Предвидуваме и 10 милиони денари за улицата Перо Наков, која е една од најфреквентните улици во Гази Баба и претставува единствено место за влез и излез на жителите на Ќерамидница.

Ги повикуваме сите советници во Советот на град Скопје да ги поддржат овие амандмани, бидејќи тие се со цел развој на Град Скопје, со овие амандмани се опфатени скоро сите области од живеењето во градот и сите делови од истиот