Екипата на Вардар во сабота од 19,30 часот го игра реванш осминафиналниот меч со ППД Загреб во Лигата на шампионите во Скопје. На првиот меч во Загреб во саботата, „црвено-црните” победија со 27-18 и се на чекор од шестиот пласман во четвртфиналето на најпрестижниот ракометен турнир на Стариот континент.

Тренерот на Вардар, Роберто Парондо на денешниот прес пред дуелот изјави дека неговиот тим има одличен резултат одпрвиот меч, но не смее да има опуштање.

„Имаме одличен резултат од првиот меч во Загреб. Сепак, не смееме да се опуштаме. Никако не смееме да заборавиме дека Загреб е одлична екипа. Мораме да продолжиме во наш стил и да го одиграме сериозно овој натпревар. Мораме на најдобар можен начин да одработиме и на реваншот и така да се пласираме понатаму. Ќе се обидеме на реваншот да играат што повеќе ракометари, па на тој начин играчите да добијат поголема самодоверба за следниот натпревар“, изјави Парондо.

Капитенот на вардарци, Стојанче Стоилов, исто така, најави дека нема да го потценат ривалот.

„Имаме одличен резултат од Загреб и реално е да мислиме дека ја имаме завршено работата. Загреб е квалитетна екипа, но сигурно нема да дојдат тука предадени и ќе се борат да го обелат образот по лошото издание. Важно е за нас да одиграме како што знаеме уште еден добар натпревар“, смета Стоилов.

Вардар и ППД Загреб играа меѓусебе два пати сезонава, но во СЕХА лигата. Овој натпревар ќе биде и последна контрола пред заминувањето за Брест каде во вторник и среда треба да се играат мечевите од Ф4 турнирот на регионалното натпреварување.