Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо рече дека подобрувањето на одбраната на тимот се должи на целиот тим, а не на индивидуалните играчи.
 Тимот се справува со проблемите во одбраната подобро од порано. Не сакам да кажам дека причината беше во Баји или Џонс, а сега играат Смолинг и Линделоф. Мислам дека тимот како целина е солиден – духот, комуникацијата, меѓусебната помош, сето ова е подобрено, а добрите резултати носат самодоверба, изјави Португалецот.
Утре „црвените ѓаволи“ ќе се соочат против повратникот во елитата Вулверхемптон, а „волците“ се полни со сонародници на Жозе. Менаџерот, повеќето играчи и луѓе од штабот се Португалци, а главен фактор во клубот е агентот на Мурињо – Жорже Мендеш.  Сепак, тренерот на Манчестер Јунајтед изјави дека не разговарал скоро со него.
 Искрено, не сум зборувал со него долго време. Кога зборуваме, не зборуваме за мојата работа или неговата. Тој ми е агент и тоа е. Во Вулверхемптон се работи добро, не само поради португалското влијание. Се привлекуваат вистинските луѓе – имаат добри млади играчи, но и добри искусни фудбалери. „Волвс“ доминираа во Чемпионшип дивизијата минатата сезона. Тие ќе имаат многу стабилна сезона во Премиер лигата и многу помалку проблеми од оние кои обично ги имаат повратниците, изјави Мурињо.
Јунајтед ќе биде без Маркус Рашфорд и Немања Матиќ утре, кој ќе го пропушти натпреварот поради казна. Двајцата играа против Јанг Бојс во текот на неделата, кога Антонио Валенсија и Џеси Лингард добија пауза. Мурињо откри дека Фил Џонс е обновен од повреда и достапен, а Андер Ерера е близу до враќање, но сé уште не е подготвен.