Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски оцени дека „црвено – жолтите“ не се аутсајдери против Италија, иако актуелниот европски првак е фаворит во полуфиналната пресметка во мундијалскиот бараж.
– Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија. Сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но на терен за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот и ќе се потрудиме тоа да го потврдиме, изјави Милевски во својата прва реакција на вечерашната жрепка за
мундијалскиот бараж во седиштето на ФИФА во Цирих.
Натпреварот ќе се игра на 24 март, а Италија ќе биде домаќин.
– Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен може да се спротивстави на секој противник, се разбира дека ќе ни недостасува поддршката од публиката, но околностите не можеме да ги менуваме., посочи Милевски.
Македонскиот селектор додаде дека неговите избраници неслучајно се во мундијалскиот бараж и во дуелот против Италија ќе се обидат да го потврдат својот квалитет.
– Италија е актуелен европски првак. Имаме голема почит за противникот и за нивниот селектор. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и како тренер. Сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија. Под негово водство, сведоци сме на една нова, модерна фудбалска Италија која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Играат сосема поинаков фудбал, тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас се разбира, но мора да се приспособуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети, нè случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар, изјави Милевски.
Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација Роберто Манчини ја оцени како неповолна жрепката за мундијалскиот бараж, која на актуелниот европскиот првак во полуфиналето за противник им ја донесе македонската репрезентација.
Италија ќе биде домаќин на избраниците на македонскиот селектор Благоја Милевски на 24 март, а победникот во финалето ќе му гостува на поуспешниот од дуелот меѓу Португалија и Турција.
– Ова е многу тешка жрепка за нас. Северна Македонија е многу добар тим, и доколку победиме ќе играме на гостински терен со победникот меѓу Португалија и Турција, истакна Манчини во првата реакција по вечерашната жрепка во седиштето на ФИФА во Цирих.
Comments are closed for this post.