Манчестер Сити и Јувентус се тимовите со најголеми шанси да ја освојат Лигата на Шампионите, смета легендарниот тренер Фабио Капело.
„Од самиот почеток, го сметам Манчестер Сити за фаворит. Но, факт е дека во важните натпревари на турнирот тимот не игра на начинот на кој го прави тоа во Англија. Јувентус е исто така многу силен, но мора да мисли на Ајакс. Холанѓаните не се плашат од ниту еден ривал и го докажаа тоа во првиот натпревар во Амстердам, како и против Реал Мадрид во осминафиналето“, изјави Капело.
„Граѓаните” го загубија првиот четвртфинален судир против Тотенхем (0:1), а Јуве одигра 1:1 како гостин на Ајакс, но Италијанецот смета дека двата тима ќе продолжат напред, а победникот од полуфиналето помеѓу нив ќе го крене трофејот.
Стратегот ги прокоментира и проблемите на еден од поранешните клубови, Реал Мадрид.
„Отсекогаш сум велел дека натпреварите на Барселона и Реал Мадрид почнуваат со 1:0 во нивна корист. За да ги победите, треба да постигнете најмалку два гола. Сега Реал е во криза и нивните натпревари почнуваат од 0:0. Претходно дефанзивците на другите тимови чувствуваа страв, бидејќи во Реал беше Кристијано Роналдо, но веќе е различно“, посочи Италијанецот, кој ја освои два пати Ла Лига со кралскиот клуб.
Comments are closed for this post.