Македонската фудбалска репрезентација денеска ги започнува подготовките за првиот натпревар од квалификациите за ЕП 2020 против Летонија, кој го играме на 21 март на Градскиот стадион во Скопје.

Селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски, на денешниот прес потврди дека поради повреда нема да смета на Иван Тричковски и Стефан Спировски. Сите останати, освен голманот Столе Димитриевски кој доаѓа доцна вечерва, ќе бидат на располагање денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски”.

Добро знаеме што не очекува, тоа е старт на квалификациите за ЕП 2020. Ние ќе одиме од натпревар до натпревар. Што се однесува до противникот, имавме доволно време да направиме детална анализа. Се работи за тим составен претежно од домашниот шампионат и ривал доста незгоден при прекините и дуел играта. Мора да внимаваме при тие работи. Не бегаме од улогата на фаворити, сакаме да победуваме против секого. Рано е да говориме за целите во овој циклус. Не би говорел за цели, Македонија има два начина да се избори за ЕП 2020, што е цел и сон на сите. Се надевам дека ќе го оствариме, изјави Ангеловски.

Фудбалерот од средниот ред Ферхан Хасани, пак истакна дека јубилејот на Горан Пандев, 100 натпревари во репрезентативниот дрес, ќе придонесе за уште поголема мотивација за наша победа.

Во денешниот фудбал нема слаб противник, ние игравме добро на изминатите натпревар и ќе се обидеме да продолжиме во тој ритам. На мечот со Летонија имаме дополнителен мотив за победа. Да триумфираме и за Горан Пандев кој ќе настапи по 100 пат за Македонија. Тој е пример за човек и голем спортист и чест е да бидеш во ист тим со Пандев, остакна Хасани.