Поранешниот македонски судија и главен на судиите во ФФМ, Емил Божиновски, ќе оценува дали Реал Мадрид бил оштетен на натпреварот против Ајакс, што Холанѓаните го добија со 4:1.  Божиновски беше судиски контролор делегиран од УЕФА на дуелот одигран во Мадрид и ќе треба да каже дали во клучниот момент, недосудениот аут во 62 минута бил исправна одлука на германскиот судија, Феликс Брих.

Во акцијата што следуваше по овој спорен момент, Ајакс дојде до водство од 3:0, со што практично обезбеди победа во свомечот. Сепак, доколку судијата досудеше аут и тој гол беше поништен, мадридскиот тим и натаму ќе беше во игра со оглед дека во таква ситуација ќе му недостасуваше само еден гол за изедначување на вкупниот резултат.

Божиновски нема да има лесна задача да оцени дали топката го напушти теренот со целиот обем, со оглед на тоа што и на ВАР системот му требаше неколкуминутно прегледување на снимките од сите агли за да ја донесе одлуката дека аут немало. Нешто, што одредени фотографии од моментот покажуваат дека било погрешна одлука.

Брих познат по грешки во големи натпревари

Доколку навистина имало погрешна одлука на судијата, односно имало аут, ова нема да биде првиот дуел од големо натпреварување во кој Феликс Брих влијаел на резултатот со своја грешка. Германецот се „прослави“ летово, на Светското првенство во Русија, кога на средбата меѓу Србија и Швајцарија, не досуди пенал за Србија на дуелот против Швајцарија. За таа грешка, Брих беше суспендиран и не судеше до крајот на Мундијалот, а останува дали извештајот на Божиновски, можеби ќе придонесе за нова „пауза“ за германскиот арбитар