Според британските медиуми играчот Али Диа може да биде прогласен за најголемата измама во англискиот фудбал. Станува збор за Сенегалецот Али Диа кој во 1996 година заиграл во Премиер лигата во дресот на Саутемптон. Се прашувате како е можно.

За ова е „заслужен“ тогашниот менаџер на тимот Грем Сунес кој бил убеден дека ангажира врвен фудбалер кој имал препорака од славниот Жорж Веа. Но, наместо со Веа Сунес разговарал со пријателот на Али кој го убедувал дека нема да се покае ако го ангажира. Сунес поверувал и потпишал договор на еден месец. Набрзо следувало и дебито во првиот тим и веднаш било јасно дека тој е далеку од  професионален фудбалер. Ниту еднаш не бил во контакт со топката и постојано бил во офсајд.

Измамата набрзо била откриена. Али бил фудбалер во пониските аматерски лиги кој имал голема желба барем еден меч да одигра во најсилната лига на светот и сонот му се исполнил иако со измама.