Поранешниот германски фудбалер Карстен Линке (57) наводно бил двоен агент, кој шпионирал за Русија додека работел за Германците, дознава британски „Дејли Телеграф“.

Линке беше уапсен во декември 2022 година под обвинение за предавство, а британски весник сега го откри неговиот идентитет.

Поранешниот фудбалер работел како тренер на јуниорски фудбалски тим во Вајлхајм, во југоисточна Германија. Тој исто така бил таен агент кој работел за германската разузнавачка служба (БНД).

Тој беше уапсен од германската полиција во декември. Поранешниот фудбалер на Хановер беше обвинет дека пренесувал доверливи разузнавачки информации, вклучително и информации за Украина, објави „Шпигел“ по неговото апсење.

Линке наводно бил унапреден непосредно пред апсењето, па имал дополнителен пристап до доверливи информации. Поранешниот фудбалер им пренел тајни разузнавачки информации на неколку лица, меѓу кои и германскиот бизнисмен со руско потекло Артур Е., кој информациите ги доставил до Федералната служба за безбедност на Руската Федерација. Артур Е. има статус на крунски сведок во овој случај, тој откри дека бил платен за неговите услуги.