Треба да се прогласи мораториум и добро да се подготови Изборното Собрание на Македонскиот олимписки комитет (МОК) кое е закажно за в среда, 28 октомври, во 18 часот во скопскиот хотел „Александар Палас“, смета Зоран Гапиќ, поранешен генерален секретар на МОК кој оваа функција ја извршуваше во период од 1996 до 2007 година, кога се повлече од македонското олимписко движење и се посвети на кошарката.

Гапиќ во разговор за „Република“ вели дека во овој момент не треба да има изборно Собрание на МОК, на кое првпат од формирањето на МОК ќе се бира нов претседател. Прв и досега единствен претседател е Васил Тупурковски – Циле кој е на чело на МОК од формирањето, веќе 28 години. За неговата функција претендираат двајца кандидати – поранешната атлетичарка Александра Војнеска Зикова и поранешниот претседател на Кошаркаската федерација Даниел Димевски, кој беше и советникот во Владата на премиерот Зоран Заев.  ДКСК водеше постапка за него во времето кога беше советник на Зоран Заев во Владата. Користејќи ја својата моќ во Владата, Димовски за себе си го придоби спортскиот центар Кале.

Мора да има мораториум, убаво да се подготови Собранието и кандидатите да ги презентираат своите програми за работа, за тоа како го гледаат спортот и кои се нивните планови, но и амбиции, вели Гапиќ.

Зоран Гапиќ во друштво на претседателот на МОК Васил Тупурковски Циле

Според него, државата нема стратегија за развој на спортот кој ни е на мошне ниски гранки.

Да се разбереме, олимпизмот е движење, не е политика и тоа мора да го знаат кандидатите кои се пријавиле за оваа висока функција. Олимпизмот е начин на живот, олимпимот е фер-плеј, витешка борба, со чесни намери во која кандидатите треба да имаат поголеми капацитети од останатите. Треба да имаат визија, многу контакти во странство, многу познанства, пријатели, меѓународна соработка. Јас се сомневам дека некој од нив ги има овие квалитети. Олимпизмот и политиката не одат заедно. Не се потребни болни амбиции за да бидеш претседател на МОК, треба знаење, умешност, познавање на состојбите, вели Гапиќ.

Како што дознаваме за изборната програма на Војнеска Зикова има 12 потписи, а за кандидатурата на Димевски за претседател на МОК има 20 потписи.

Право на глас имаат сите делегати на МОК. Порано Собранието имаше 128 члена, но сега тој број изнесува 53, меѓу кои 29 се претставници од националните олимписки федерации со право на по еден глас, плус 24 што ги предлага Собранието на МОК. Станува збор за поранешни и сегашни истакнати спортисти и спортски работници.

Во Управениот одбор (УО) има 17 члена, на чело со Васил Тупурковски, како претседател, и со двајца потпретседатели, Примислав Димовски и Перо Антиќ. Овие измени беа направени лани во декември, на горинешното Собрание.

Според Гапиќ, Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор (УО) и генерален директор на Алкалоид би бил идеален кандидат за прв човек на македонското олимписко движење.

Тој има знаење, многу е мирен, сталожен, има сенс за оваа работа и што е најважно, знае да планира. Има искуство од Ракометната федерација, вели Гапиќ.