Јута џез загуби на гостувањето кај Далас маверикс со 118-68 со што го доживеа најтешкиот пораз во оваа сезона во НБА лигата. Истовремено, за „џезерите“ ова е втор најтежок пораз во клупската историја, во регуларниот дел или плејофот, по тој од Милвоки бакс, кога на 14 март 1979 година Јута загуби со 56 поени разлика.

Кошаркарите на Јута одиграа очајно лошо, што се виде од самиот почеток на средбата, па така, резултатска рамнотежа држеа само во првата четвртина која заврши со резултат 30-24 за Далас. Од тој момент до крајот предноста на Далас само се зголемуваше, па следните четвртини завршија со 28-22 втората, 26-13 третата и целосниот дебакл во последниот период, кога Јута беше разбиена со скор 34-9.

Во така слаба претстава само тројца кошаркари на Јута стигнаа до двоцефрен број поени, Рики Рубио постигна 11, додека Донован Мичел и Руди Гобер по 10.

Кај Далас, ефикасноста беше доста рамномерно распоредена, па така Харисон Барнс беше најефикасен со 19 поени, ЏЏ Бареа постигна 14, а Лука Дончиќ и Двајт Пауел по 13 поени.

Резултати од синоќешните натпревари

Далас – Јута  118-68

Орландо – Филаделфија  111-106

Вашингтон – Кливленд  119-95

Бостон – Чикаго  111-82

Бруклин – Мајами  107-120

Торонто – Детроит  104-106

Милвоки – Мемфис  113-116

Минесота – Њу Орлеанс  107-100

Оклахома сити – Њујорк  128-103

Феникс – Сан Антонио  116-96

ЛА Лејкерс – Портланд  126-117