Леброн Џејмс беше на чекор до тоа да биде херој на ЛА Лејкерс за да дојдат до првата победа сезонава, но на крајот „кралот“ се претвори во трагичар во дуелот што „езерџиите“ го загубија на домашен терен од Сан Антонио спарс со 143-142, по продолжението.

Леброн во финишот од регуларниот дел ја презеде одговорноста и на 2,4 секунди до крајот постигна „тројка“ за изедначување, со што се избори за продлжението. Во тој дел, предводени од Џејмс, „лејкерси“ изградија и водство од 142-136, но им дозволија на „мамузите“ да дојдат до еден разлика.

Тогаш, поточно на 12,8 секунди до крајот на продолжението, Леброн утна две слободни фрлања, со што му овозможи на Пети Милс само шест секунди подоцна да погоди шут за водство на Сан Антонио. Леброн имаше удна шанса за триумф, но неговиот шут со звукот на сирената беше непрецизен.

Џејмс го заврши мечот со 32 поени, 14 асистенции и осум скокови, а имаше голема поддршка од Кајл Кузма, кој оствари учинок од 37 поени и осум скокови. Кај Сан Антонио најдобри беа Ламаркус Олдриџ со 37 поени и 10 скокови и Демар Дерозан, кој средбата ја заврши со 32 поени, 14 асистенции и осум скокови.

Во останатите натпревари:

Бостон – Орландо  90-93

Торонто – Шарлот  127-106

Милвоки – Њујорк  124-113

Минесота – Индијана  101-91

Далас – Чикаго  115-109

Јута – Мемфис  84-92

Портланд – Вашингтон  124-125 (прод.)

Голден Стејт – Феникс  123-103