Италијанскиот фудбалер Даниеле де Роси по 18 години ќе стави крај на кариерата во Рома. Информацијата ја објави 36 годишниот играч од средниот ред кој призна дека не добил понуда за нов договор од страна на клубот, но изјави дека не размислува да сопре со фудбалот.

„Вчера ми беше кажано дека мојот договор нема да биде обновен. Имам 36 години и не сум глупав. Кога никој не се поврзува со тебе за да разговара за нов договор, тогаш сè е одлучено. Не сум разговарал со други тимови. Сè уште се чувствувам како фудбалер и сакам да продолжам. Ќе направам грешка, ако запрам со фудбалот. Не знам дали ќе останам во Италија, или пак ќе играм во странство“, изјави Де Роси.

Тој откри дека имал понуди во текот на годините да го напушти „Олимпико“, а кога ќе се пензионира не криеше дека ќе се оддаде на тренерската професија.

Де Роси чека понуди, а кога ќе се пензионира, откри дека ќе се оддаде на тренерската професија.

„Нормално е да се прават грешки во текот на овие години. Имав можност да одам во други тимови за кои велеа дека победуваат повеќе од Рома. Мојата љубов кон клубот ќе продолжи во друга форма. Не исклучувам во наредните години да ме гледате со сендвич и пиво во некои од ложите, за да ги поддржувам своите пријатели“, рече Де Роси.