Сите имаме слика во нашата глава, без разлика дали сме читале хроники, романи или сме го гледале филмот за Титаник, како во бизнис класата патниците танцуваат и пијат шампањ додека бродот забрзано тоне, несреќниците кои се длабоко во утробата на прекуокенската грдосија се борат за своите животи давејќи се во водата која надоаѓа од сите страни.
Титаник е прилично веродостојна метафора за денешниот фудбал. Напумпана од парите што доаѓаат од целиот свет – особено од Персискиот Залив, од баснословните договори од телевизиските права, глобалниот мерчендајзинг и, од неодамна од светот на криптовалутите – фудбалската елита, збиена во неколку шампионати на Стариот континент со филијали за ветерани и ѕвезди во залез во Соединетите Американски Држави, Турција, арапските петромонархии и до неодамна во Кина (до одлуката на претседателот Си Џинпинг да ја поведе земјата во нов социјализам), живее надвор од реалниот свет. Заслепена од апсурдно богатство, таа не гледа дека фудбалскиот брод тоне. Кога ќе стане свесна за реалноста, ќе биде предоцна да се смени нешто.
Во време кога ограничен број фудбалери заработуваат по неколку милиони, па и десетици милиони евра годишно, илјадници мали клубови се гасат затоа што не можат да ја платат киријата за теренот и соблекувалните, додека големите клубови кои плаќаат фараонски плати на нивните играчи, се во длабоки долгови. Ако беа „обичен” приватен субјект, многу малку клубови би избегнале банкрот, а нивните челници судски постапки, како што во моментов му се случува на Јувентус во Италија.
Замислете што ќе се случи со клубовите чии сопственици се од арапскиот свет кога еден ден ќе им здодее фудбалот или кога американските фондови и берзански брокери ќе најдат нова забава или начин да вртат пари?
Празни трибини
Фудбалот ја губи својата суштина и иднина. Половина од адолесцентите и младите на возраст од 16 до 23 години не се многу заинтересирани за фудбалот, или не го сметаат за доволно интересен, покажуваат најновите истражувања. Згора на тоа, 27 отсто од нив воопшто не ги интересира фудбалот, а 13 отсто дури го мразат. Новите деца, за разлика од претходните генерации, дури и оние кои не се којзнае колку успешни во училиште, не гледаат на фудбалот или воопшто на спортот како професија од соништата или начин да станат славни и богати.
Деталното истражување на реномираните агенции Макинси/Нилсен, откри и дека само 49 отсто од оние кои следат фудбал го прават тоа затоа што навиваат за еден или повеќе клубови, додека третина ја навела приврзаноста кон еден играч како мотив и гледаат само големи натпревари, додека површно ги следат другите, гледајќи ги само головите.
Уште еден податок е многу вознемирувачки за иднината на фудбалот: дури две третини од младите следат фудбал затоа што се плашат да пропуштат нешто што другите го сметаат за важно, а не затоа што навистина се заинтересирани. Во превод, кога денешната генерација од 40 и 50 години ќе ја напушти сцената, ќе нема кој да гледа фудбал, а малкумина ќе го сметаат за најважна споредна работа на светот.
Глобализацијата ја скина главната животна врска на фудбалот – а тоа е приврзаноста кон еден клуб. Порано се зборуваше дека се може да се промени освен мајката и клубот за кој навиваш. Денес, новите генерации навиваат за фудбалски ѕвезди и ги поддржуваат клубовите во кои играат нивните идоли. Со други зборови, големите ѕвезди станаа важни, ако не и поважни од клубовите и со нив се движат и големи маси фудбалски фанови.
Дури една третина од населението на возраст меѓу 16 и 24 години навива за еден играч, а не за клуб, и следствено на тоа, клубот во кој игра нивниот миленик станува фокус на нивниот интерес.
Фактот што уште пред пет години беше регистрирана тенденција на опаѓање на гледаноста кај популацијата меѓу 12 и 34 години за дури 40 отсто, само по себе беше драматично.
Најважната споредна работа
Доскорешниот претседател на Јувентус, Андреа Ањели беше еден од ретките фудбалски директори кои јавно предупредија на трендот што ја води „најважната споредна работа” до својот крај.
Заслепени со полните стадиони во Лигата на шампионите, Премиер лигата, Бундеслигата, Серија А, Шпанската и Француската лига, како и Светските првенства и Европските првенства, на сите им бега фактот дека сите други стадиони, каде играат повеќе од 90 проценти од клубовите и фудбалерите и каде што се созреваат новите генерации играчи – се празни. На нив освен родители, блиски членови на семејството и повремените скаути нема никој.
Друг голем проблем на фудбалот е „досадата”. Новата генерација, порасната со паметни телефони, таблети, компјутери и најновата што расте на социјалните мрежи, не е способна да се концентрира на гледање нешто што трае подолго од неколку минути, најмногу десет до петнаесет минути.
Фудбалот од „настан”, „најважната споредна работа на светот”, стана заднина или придружна содржина додека гледате кратки видеа на паметни телефони, следите социјални мрежи, сурфате на интернет, правите илјада други работи.
Т.н милениумци (оние кои денес имаат меѓу 25 и 40 години), да не зборуваме за генерацијата З (родени помеѓу 1997 и 2012 година) веќе не гледаат традиционална телевизија и не се претплатуваат на кабелска или сателитска телевизија. Младите се помалку се заинтересирани да гледаат не само фудбал, туку и кој било друг спорт на телевизија, земајќи го предвид времетраењето на настанот: два часа фудбалски натпревар или три и пол часа американски фудбал се нешто од минатиот век. Проблемот не е во милениумците или во генерацијата З, проблемот е што спортот, особено фудбалот, стана телевизиски производ, а телевизијата почнува да го губи натпреварот со новите форми на забава и информации кои ги претпочитаат генерациите што доаѓаат.
Другите два големи проблема на фудбалот се стримингот и видеоигрите. Огромното мнозинство деца не растат играјќи фудбал секој ден како претходните генерации, меѓу другото, и затоа што треба да платат за фудбалски школи, а се промени и начинот на живот. Исто така, има се помалку татковци кои ги носат децата на натпревари, евентуално тоа го прават еднаш и толку.
Новите генерации се обликувани од интернетот и дигиталната забава која е, повеќе или помалку, на дофат на секого. Видео игрите заработуваат пет пати повеќе од фудбалот, од 250 до 50 милијарди долари.
Контролер наместо фудбалска копачка
Децата се формираат со платформи „On-demand” и видеоигри, со еден збор – во виртуелниот свет. Кога се фокусираме на фудбалот, има повеќе кои играле ПЕС или ФУТ (и двете претрпеа промени: „eFootball” го наследи ПЕС, А „ЕА Спортс” и ФИФА по триесет години го раскинаа договорот за ФУТ), отколку оние што ја шутирале топката со другарите на локалното игралиште, а да не зборуваме за тренинзи и натпревари.
Стигнавме до точка на апсурдност: во минатото видеоигрите (фудбалските игри) служеа како сурогат за доживување на вистинските емоции што ги дава фудбалскиот натпревар, денес има се повеќе луѓе кои ги играат своите виртуелни игри, а само со едно око следат што се случува во вистинскиот натпревар на омилениот тим на телевизор или на друг уред.
Се проценува дека на планетата има близу половина милијарда љубители на „eSports”, од кои околу 200 милиони играат редовно, секој ден или ги гледаат другите во акција. Главно се работи за популацијата на возраст од 16 до 35 години (милениумци и генерацијата З) која пред компјутер поминува во просек по седум часа дневно. Стигнавме до степен да се емитуваат поединечни натпревари, а бројот на специјализирани телевизиски и интернет канали експоненцијално расте заедно со гледаноста, која достигнува до дури 20 милиони гледачи за најважните турнири.
Благодарение на стримингот и можноста да се гледа што и кога сакате преку социјалните мрежи и интернетот кои овозможуваат брзо и директно информирање за се и сешто, не е неопходно да се „губат” часови и часови гледајќи натпревари. На пример, гледаноста на т.н. хајлајти е во контратенденција со „шеровите” кои пренесуваат фудбалски натпревари (несметајќи ги големите натпревари и финалињата на големите натпреварувања).
Нови правила пред вратата
Денес, децата знаат сè за фудбалот, кошарката или тенисерите, но не затоа што гледаат натпревари со часови, туку затоа што преку видео игрите ги добиваат сите детални информации за спортистите, од статистика до опис на нивните карактеристики. Згора на тоа, благодарение на можноста за „ангажирање” на играчи од минатото во игрите, новите генерации ги запознаваат Пеле, Марадона, Платини, Ал Џабар, Меџик Џонсон или Мајкл Џордан.
Фудбалските челници, како и оние кои водат други спортови, се на крстопат: ако сакаат да преживеат, ќе бидат принудени да ги променат правилата и да ги приспособат на новото време или ќе треба да најдат формула за поинаква презентација пред широката публика. Во одбојката правилото за промена на сервисот е сменето одамна; во тенисот освен на четирите најголеми турнири се игра на два, а не на три освоени сета, во Формула 1 е сменет начинот на квалификација.
Во фудбалот се размислува дали да се прејде на ефективно време и да се воведат исклучувања на одредено време, како и можност да се вратат во игра играчите кои се заменети. Се размислува и како фудбалот, како производ, да се направи поатрактивен, почнувајќи од позиционирањето на телевизиските камери кои би ја доближиле играта на теренот до онаа што се гледа на видео игрите, односно би ја направиле поинтерактивна и поинтересна за гледачите.
Кога ќе се повлече линијата, не сме далеку од времето кога на клубовите приоритет ќе им биде борбата за гледачи и навивачи, а не за бодови и трофеи, бидејќи само така ќе се опстане. Победите нема да бидат доволни.
Comments are closed for this post.