Целта е остварена од првиот дел од подготовките, македонските фудбалери се комплетирани и може сите да тренираат, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски пред престојните квалификациски дуели со Полска во петок (7 јуни) и Австрија, три дена подоцна.
Селекторот е задоволен од досегашниот тек на подготовките. Вели дека се повикани сите фудбалери, вклучувајќи ги Алиоски, Трајковски, Несторовски и Велковски кои имаа одредени проблеми со повреди, а ќе тренираат максимално и ќе се се борат за место во тимот, тврди Ангеловски.
„Многупати досега сум потенцирал дека е задоволство да се работи со вакви фудбалери. Крај на сезона е, неколкумина повредени, сите на работ на исцеденост и дадоа сѐ за да бидат подготвени за Македонија. Тоа само покажува за какви фудбалери се работи. Тоа ја покажува љубовта кон дресот и кон Македонија. Целта ја остваривме за првиот дел од подготовките. Тие што имаа повреди ги ставивме на максимум и сега комплетирани може сите да тренираме. Со сиот респект кон Полска и кон Австрија, но во Скопје паѓале и поголеми репрезентации, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација.
Репрезентативецот Бобан Николов истакнадека Македонија не е аутсајдер во мечевите со фаворитите во групата, Полска и Австрија.
„Селекторот многупати ни има кажано дека не е важно против кого играме, туку за што играме и како ние ќе одиграме. Ако излеземе на терен и одиграме како што знаеме и умееме, ако ги исполниме сите задачи, мислам дека никој и никое име не може да не исплаши. Ние сами од себе зависиме. Не чекаме дали противникот ќе има лош ден, туку зависиме од тоа како ние ќе одиграме. Се е до нас“, вели Николов.
И двата дуели се играат на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Comments are closed for this post.