Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со нова контроверзија откако британскиот „The Telegraph“ објави дека УЕФА исплатила шестцифрена сума на поранешна вработена, за која се тврди дека била во лична врска со Инфантино додека тој бил генерален секретар на европската фудбалска организација.
Според објавените информации, покрај отпремнината, УЕФА ги покрила и трошоците за нејзините МБА студии по напуштањето на организацијата.
Од УЕФА потврдија дека на поранешната вработена ѝ бил исплатен пакет при заминувањето и дека биле покриени трошоците за МБА програма, но истакнуваат дека тоа било целосно во согласност со тогашните интерни правила.
„Исплатата беше во согласност со прописите што важеа за вработените кои ја напуштаа организацијата во тој период. Од 2016 година тие правила се заострени и денешните прописи се значително построги“, соопшти УЕФА.
Од друга страна, ФИФА категорично ги отфрли сите наводи.
„Џани Инфантино силно ги негира овие обвинувања. Тие се целосно невистинити и секое тврдење за несоодветно однесување или прекршување на правилата е клеветничко“, соопштија од светската куќа на фудбалот.
Во реакцијата се додава дека никогаш не била поднесена никаква претставка против Инфантино за неговото однесување во УЕФА или ФИФА и дека сите кадровски и финансиски одлуки биле донесувани согласно важечките процедури.
Случајот доаѓа во исклучително чувствителен момент за Инфантино, кој веќе е под силен притисок поради неодамнешниот неуспешен обид ФИФА да продаде дел од комерцијалните права на Светските првенства на приватни инвеститори. Планот предизвика остар судир со УЕФА, која јавно ја доведе во прашање довербата во актуелното раководство на ФИФА и најави можни дополнителни чекори.







Comments are closed for this post.