Слаѓана Бркиќ, жената којашто во февруари, во хрватскиот град Копривица, го уби својот невенчан сопруг, Дејан Сливар, доби пресуда за десет години затвор. Покрај затворската казна, жупанискиот суд во Вараждин и одреди и психијатриско лекување до крај на издржувањето на казната. Времето минато во притвор, ќе и биде врачунато во казната, пишува индекс.хр.
Судењето беше затворено за јавност заради заштита на личниот и семејниот живот на обвинетата, но и на сведоците меѓу кои беа и нејзините деца. Освен нив, сведочеа и братот на жртвата, полицискиот началник, лекар од локалниот здравствен дом, како и сестрата, мајката и пријателка на обвинетата.
Злосторството се случи на 15 февруари кога во фамилијарната куќа во местото Голи, 28-годишната Бркиќ со куњски нож двапати го прободела 46-годишниот Дејан Сливар, кој починал на место. Сведоци на убиството биле неговите две малолетни деца, додека најстарата ќерка не била дома.
Кога дошле полицајците на лице место, Слаѓана одбила да ги пушти, по што тие морале да влезат на сила. Глетката што ја затекнале ги стаписала, Сливар лежел во локва крв, а децата во шок неконтролирано се треселе.
Убиениот Сливар бил ветеран од граѓанската војна во Хрватска и учесник во акциите „Блесок“ и „Бура“. Имал три малолетни деца, а неговата поранешна сопруга починла пред пет години. Обвинетата и убиениот имаат едно дете, девојчето што Слаѓана го родила во март во затворот во Загреб.
Comments are closed for this post.