Амбасадата на САД во Приштина, исто како и Британците, го повлече својот претставник од косовската Агенција за споредување и верификација на имот (АККВП).
Одлуката е донесена откако пред неколку месеци во одборот на таа Агенција е избран Насер Шаља, поранешен командант на ОВК, кого претставниците на дипломатските мисии во Приштина го сметаат за неквалификуван, пишува весникот „Газета Експрес“.
Американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет изјави дека поднел оставка од членство во одборот на АККВП.
– САД поднесоа оставка во Одборот на косовската Агенција за споредување и верификација на имот, како што тоа претходно го направи и Велика Британија. Нема да продолжиме да учествуваме, бидејќи раководството на тој одбор повеќе им служи на некои лични и политички интереси, отколку на луѓето. Изборот на неквалификувани лица на владини позиции го нарушува имиџот на Косово и ја губи довербата на народот, напиша Коснет на Твитер.
Коснет пред неколку месеци јавно побара од Шаља да поднесе оставка на таа функција, но косовскиот Парламент сепак го верификуваше неговиот избор.
Претходно британскиот амбасадор Рури О’Конел излезе од одборот од истите причини, оценувајќи дека именувањето на Шаља претставува кршење на Меморандумот за разбирање, потпишан од таа амбасада и косовскиот Парламент.
Се огласи и германскиот амбасадор Кристијан Хелд, кој на Твитер наведе дека на јавните позиции во Косово се гледа како на „награда“. Тој оцени и дека странските амбасадори не можат да бидат третирани како „завеси за прозорци“.
Comments are closed for this post.