Загреб утринава ги сумира штетите од силната бура која го погоди ноќеска и утринава. Силниот ветер корнел дрвја и семафори, носел покриви и разен отпад, како ќерамиди и канти за отпадоци и рекламни паноа. Едно дрво паднало врз трамвај, но за среќа нема повредени. Градските власти прогласија тревога од прв степен и на располагање се ставени 900 пожарникари кои интервенираат на терен.

Обилните дождови денеска го погодија северозападниот дел на Босна и Херцеговина, а во Приедор и Босански Нови се излија локалните реки. Во Приједор се поплавени околу 200 станбени објекти, а дојде и до пораст на нивото на водата и излевање на реката Пухарска, која се влева во Сана.

Реката Јошавка, поради огромната количина на дожд која вчера падна во попладневните часови и која се уште паѓа, се изли на главниот пат Челинац – Прњавор преку Стара Дубрава.

Поплавена беше и населбата Урија, а реката Враголовача се изли од коритото во местото Јутрогошта и го пресече локалниот пат. Мештаните ја спасуваат стоката од шталите, кои се во близина на оваа река.

Дождот почна да паѓа вчера попладне, по што следеше бура пропратена со грмотевици. Германскиот „Блицкорунг” детектира околу 4.000 молња во Поткозарје.

Се очекува утре да престанат интензивните врнежи во БиХ.

Невереме се очекува и во Србија. Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија го повтори предупредување дека од денеска до петок се очекува голема количина на врнежи.

Сите надлежни служби воведоа 24-часовни дежурства на водостоите на реките, а РХМЗ го вклучи  портокаловиот и жолтиот метеоаларм.