Се намали јачината на ветрот кој предизвика голема материјална штета во Загреб, а врнежите од дожд продолжуваат во Хрватска. Во делови на БиХ ситуацијата е критична поради поплавите, каде трае потрагата по шестгодишно дете кое паднало во надојден поток.
Сите надлежни служби во Загреб беа ангажирани за санирање на проблемите предизвикани од силниот ветер, кој дури изутринава малку ослабна. Во текот на ноќта загрепските пожарникари имале над 460 интервенции.
Интензитетот на ветрот се намали и во Босна и Херцеговина, но дождот не запира. Одредени места се поплавени, а во дел од реките во Хрватска и БиХ се очекува денеска врвот на водениот бран.
Во местото Бегов Хан кај Жепча денеска шестгодишно момче падна во поток, чиј водостој се зголеми како последица на обилните дождови. Неговата мајка скокнала по него за да го спаси, но безуспешно. Со возило на Брза помош мајката е префрлена во болница, а специјална полициска единица е ангажирана во потрегата по детето.
Инаку, состојбата на поплавените подрачја во БиХ постепено се нормализира, но и натаму е тешко на подрачјето на Приедор и Сански Мост, каде излевањето на водата од реката Сана и натаму е закана за стотина станбени и деловни објекти. Според податоците од претпладнево, Сана во приедор достигна ниво од 460 сантиметри, што е кота на вонредна одбрана од поплави.
Прогнозите не се добри. Во следните два дена очекуваме уште 50 до 100 мм дожд во континенталните делови на Хрватска, а исто така и многу дожд во БиХ, што ќе влијае на водостојот на реката Уна, изјави синоќа генералниот директор на Хрватски води Зоран Ѓурковиќ.
Жителите на босански Котор Варош, кои се снабдуваат од градскиот водовод, од утрово се без вода. Станува збор за илјадници корисници, кои останаа без вода откако е испразнет резервоарот во населбата Коториште.
И во хрватски Јасеновац се очекува воведување одбрана од поплави, а според прогнозите високиот водостој би можел да потрае 4-5 дена. Поради излевањето на реките и поплавените подрачја, на многу патни правци во Хрватска сообраќајот е во прекин.
Обилните дождови во БиХ предизвикаа поплави на север и во централните делови на земјата, каде одделни места се отсечени, а граѓаните пријавуваат проблеми со снабдувањето со вода и струја.
Драматично влошување на состојбата е забележано на подрачјето на Бања Лука и Добој, каде реките Врбања и Врбас се закануваат на локалното население.
Градоначалникот на Бања Лука Игор Радојчиќ прогласи вонредна состојба во дел од градските општини, но изутринава информираше дека состојбата полека се нормализира и оти засега нема закана од поголеми поплави. Во делови на градот Добој беше наложена евакуација на населението.
На подрачјето на општина источен Дрвар утрово падна снег, формирајќи снежна прекривка од неколку сантиметри. Општинските власти информираа дека патот кој ги спојува Источен Дрвар и Дрвар на одделни делови е оштетен.
Во Србија во сила е портокалов метео аларм, но засега нема опасност од излевање на реките . Заклучокот на белградскиот Штаб за вонредни ситуации е дека во српската престолнина нема опасност од поплави.
И во Црна Гора нема опасност од поплави, соопшти метеорологот Душан Павичевиѓ, дополнувајќи дека од петок очекува стабилизација на времето и пораст на температурите.
Водостоите на север од земјата се доволно ниски за да можат да ја прифатат количината вода од дождот во следните два-три дена. На југот нема да има врнежи, истакна Павичевиќ
Comments are closed for this post.