Српските власти уапсиле четири лица под обвинение дека со мито успевале да обезбедат документи за издавање на фалсификувани документи со кои Срби можеле да добијат бугарско државјанство. Ова е соопштено на интернет страницата на српското МВР. Акцијата била спроведена од полицијата, од Одделот за борба против корупцијата и Специјалното антикорупциско одделение на обвинителството во Ниш, соопштуваат бугарските медиуми.
Уапсени се вработен во општината во Пирот, лекар од Димитровград, уште еден граѓанин на Димитровград и еден жител на Ќуприја. За последните двајца се смета дека во текот на последните две години му давале мито на лекарот од Димитровград за да им издава фалсификувани уверенија на трети лица оти минале одредени прегледи.
За истите трети лица, двајцата давале мито и на вработениот во општината во Пирот за да впишува во документите дека имаат бугарско потекло. Целта била тие лажни документи да бидат прикажувани пред бугарските власти за добивање бугарско државјанство.
Во соопштението на српското МВР не се споменува на колку лица им се издадени такви лажни документи во изминатите две години.
Информацијата за апсењето дојде само неколку часови откако надлежниот обвинител за аферата со корупцијата во бугарската Државна агенција за Бугарите во странство, Ангел К’нев, соопшти дека активности околу истрагата се вршат и во неколку други држави- во Украина, во државите од Западен Балкан и други.
Побаравме од надлежните институции да соберат докази. Во основа, тие се поврзани со документи и со уверенија од официјални институции, главно општини и црковни крштилници. Во некои од овие држави, црковни институции издаваат официјални документи за склучени бракови или потекло, објасни К’нев.
Неговата изјава уследи откако на три лица им беше одредена мерка притвор, а едно е ослободено со парична гаранција. Притворени се првиот човек и генералниот секртар на Агенцијата, Петар Харалампиев и Красимир Томов, и српскиот граѓанин Марко Стојов.
Поранешната директорка на Одделот за бугарско државјанство при Министерството за правда, Катја Матева, во емисијата на bTV „Ова утро„ изјави дека има докази оти ВМРО и Красимир Каракачанов се издржуваат од продажба на бугарски државјанства.
Матева додаде дека нема да ги пријави доказите и оти не дала согласност да бидат објавени информациите, што ги давала до Агенцијата во 2016 година. Таа била ослободена од функцијата лани кон крајот на септември, но не била повикана да даде било какви објаснувања. Од министерот за одбара Красимир Каракачанов била обвинета дека водела антибугарска политика затоа што им давала предност на турски граѓани пред оние од Македонија.
Во своја одбрана таа наведе и податоци за петгодишниот период од 2011 година до 2016 година, според кои бугарско државјанство добиле 1.200 лица од Турција, 70.000 од Македонија и 31.000 од Молдавија.
До македонското МВР не е стигнато барање од Софија
Портпаролот на нашето Министерство за внатрешни работи, Тони Ангеловски, за Пресинг Тв изјави дека до нив досега не е стигнато никакво барање од бугарското МВР.
Ако добиеме такво нешто, ние ќе соработуваме со нашите колеги, додаде тој.
Comments are closed for this post.