Српскиот претседател Александар Вучиќ обраќајќи се пред новинарите во Пекинг по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во рамки на форумот „Појас и пат”, изјави дека „Кина има цврст и недвосмислен став по прашањето за Косово”.

Како што објави РТС, Вучиќ изјави дека „Пекинг го разбира и почитува тоа што Србија независно донесува одлуки и што е држава, во вистинска смисла на зборот.”

Тој потсети и на поддршката кој ја дава Кина на Србија во Интерпол и УНЕСКО, додавајќи дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина. Воедно тој додаде дека на кинескиот претседател му пренел дека може да смета на „поддршката на Србија по прашањето на Тајван и Тибет, како и во други области во кои постојат поинакви движења.”

На средбата меѓу двајцата претседатели во фокус биле разговорите за економската соработка и косовското прашање.

Српскиот претседател Александар Вучиќ при пристигнувањето во Пекинг на форумот „Појас и Пат” во рамки на иницијативата „Еден појас, еден пат” истакна дека косовското прашање ќе биде една од главните теми во разговорите со кинескиот претседател, но и со рускиот претседател Владимир Путин, за поддршка во пресрет на неформалната средба во Берлин на 29 април, со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.