Српскиот претседател изјави дека поврзувањето преку оваа иницијатива е економски и политички важно за опстанокот на сите мали држави и нации на Балканот
„Mал шенген“ е исклучителна иницијатива која може да придонесе Балканот да биде подобро место за живеење, оцени српскиот претседател Александар Вучиќ во Нови Сад, каде што почна реализацијата на оваа идеја.
Вучиќ изјави дека поврзувањето преку „малиот шенген“ е економски и политички важно за опстанокот на сите мали држави и нации на Балканот.
Тој рече дека идејата за „мал шенген“ не е само негова, туку и на премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама. Исто така, рече дека до крајот на месецот очекува видеоконференција во рамки на иницијативата.
Не можеме да избегаме од Балканот, некои би сакале, но јас ги немам тие амбиции и затоа ова треба да биде подобро место за живеење. Мора да се поврзуваме и да работиме заедно. На крајот, дури и оние кои не беа најсреќни поради оваа иницијатива, затоа што не беа во управувачкото седло, мораа да прифатат дека тоа е добра иницијатива затоа што се работи за четири слободи кои припаѓаат на основните европски слободи: за проток на луѓе, добра, капитал и услуги“, изјави Вучиќ на прес-конференција, на прашање дали идејата за „мал Шенген“ е утеха за оние кои нема да влезат во ЕУ.
Comments are closed for this post.