Црногорската армија денеска постави шатори на повеќе места во Подгорица и Никшиќ за војниците да ги предупредуваат граѓаните да ги почитуваат епидемиолошките мерки, додека ситуацијата во Црна Гора предизвикана од ковид-19 е загрижувачка.
Обраќајќи им се на граѓаните во врска со епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот, црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ рече дека ситуацијата е загрижувачка и дека здравствениот систем е на работ на издржливост.
Тој рече дека владата, во случај да не се намали бројот на пациенти во следните десет дена, ќе донесе одлука за целосно заклучување на Црна Гора.
“Сегашната состојба не е предизвикана од лошите епидемиолошки мерки, но проблемот е во непочитувањето на мерките. Затоа решивме да преземеме акција со заеднички придонес за да се излеземе од овој проблем”, рече Кривокапиќ.
Тој рече дека Црна Гора се одлучила за „пат што е различен. Да не затвораме сè во овој момент, но ако мерките не дадат резултати во овие 10 дена, се навестува најлошото сценарио, а тоа е целосно затворање на Црна Гора ”
Земјата со недели беше меѓу светските лидери по бројот на нови случаи, а неодамна влезе на црната листа на 10 водечки земји според бројот на смртни случаи во однос на 100.000 жители.
Министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ рече дека таа и епидемиолозите од Институтот за јавно здравје предложиле целосно заклучување на државата, но дека владиното тело за борба против епидемијата на ковид-19 одлучило да се фокусира на контролирање на постојните мерки во следните десет дена.
„Формирани се три екипи – првата се состои од членови на полициската администрација кои ќе ја контролираат примената на мерки на јавните површини и на отворено, како што се носење маска и одржување на дистанца. Втората ја сочинуваат претставници на Дирекцијата за инспекции и полиција , а третата ја сочинуваат припадници на армијата, кои ќе ги советуваат граѓаните во најранливите градови да ги почитуваат епидемиолошките мерки “, рече портпаролот на црногорската влада на прес-конференција.
Епидемиолошките мерки претходно воведени од црногорската влада забранија работа на угостителските објекти во повеќето црногорски градови, а полицискиот час е на сила од 21 до 5 часот наутро.
Од почетокот на оваа недела, жителите на Подгорица, каде што живее една третина од вкупното население, не можат да ја напуштат општината, ниту пак е можно да дојдат во главниот град на Црна Гора без соодветна контрола. Истите мерки се воведени за Цетиње, Улцињ, Никшиќ, Херцег Нови и Плужине, а претходно и за Будва и Тиват.
Вчера во Црна Гора пристигнале 30.000 дози вакцина од Синофарм, донирани од Кина за Црна Гора. Вакцинацијата започнала пред десетина дена со руската вакцина Спутник V, што дојде во Црна Гора како донација од Србија.
Здравствените власти тврдат дека вакцинацијата се одвива според планот и дека досега се пријавиле 15.000 жители за вакцинација.
Вакцинацијата на приоритетната популација над 80 години треба да започне наскоро, како што е најавено.
Црна Гора доцни со вакцинациите, на што влијаело и промената на владата, а претходната и сегашната влада ја префрлаат вината едни на други. Новата влада се согласи да купи 50.000 дози на руската вакцина, а во тек се преговори за уште 200.000.
Comments are closed for this post.