Петнаесет земји членки на Советот за безбедност на ОН одржале неформален состанок на барање на Србија. Медиумите, од дипломатски извори во ОН, по овој состанок посочија дека Русија, која ја поддржува Србија, побарала јавна седница на Советот за безбедност на почетокот на наредната недела. Одржување на седницата на Советот за безбедност на ОН е побарано откако Косовското собрание  донесе одлука за формирање косовска војска.

Според руски дипломатски извори, седницата е закажана за в понеделник, на 17 декември, за која Русија бара да биде од јавен тип, на што се спротивставуваат западните држави кои инсистираат на затворена седница на Советот за безбедност. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, најави дека ќе присуствува на седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изрази загриженост откако косовскиот Парламент усвои три закони чија цел е јакнење на улогата и капацитетот на косовските безбедносни сили и притоа ги повика „сите страни“ на воздржаност

Резолуцијата 1244 од 1999 година е единствената правна рамка за меѓународно безбедносно присуство на Косово, а силите на НАТО (КФОР) се одговорни за безбедноста на таа област, изјави Антонио Гутереш, додавајќи дека секое ограничување на одговорноста на КФОР во вршење на безбедносната должност не би било во согласност со резолуцијата.