Новина со која ќе се соочат македонските граѓани при патувањето во Бугарија е што од Нова Година е воведено електронско купување на налепниците за автомобили познати како вињетки кои досега можеа да се купат и на граница.

Цената на налепниците останува иста, но може да се купи викенд, неделна, тримесечна и годишна вињетка. Налепниците се купуваат на сајтот bgtoll.bg на кој информациите се на осум јазици. Плаќањето може да се изврши со кредитна или дебитна картичка, а преку сајтот е можен и трансфер на средства од банка. Системот овозможува е-вињетата да биде активирана со датум најмногу до 30 дена од моментот на купувањето, а автоматски се пресметува крајниот датум за валидност на вињетата. По добивањето на идентификациски број на трансакција за купена вињета, клиентот може да преземе потврда или да внесе маил адреса, на која ќе му биде испратена. Вињетата нема потреба да се испечати, ниту да се носи во автомобилот или да се покажува на контролните органи.