Црногорскиот парламент ги усвои измените на законот со кој се предвидува на службеното лице во армијата на Црна Гора да му престане службата доколку одбие да учествува во НАТО мисија.

На военото лице ќе му престане службата во армијата ако не стапи на должност на формациското место на кое е назначен, или одбие учество во меѓународните сили во странство каде е испратен.

Измената на законот пропишува дека професионлното воено лице по договор на кое ќе му престане службата во армијата без негова вина ќе има право на отпремнина во висина од петнаесет бруто плати.

Предвидено е и цивилно лице да може да носи и употребува оружје и воена униформа во услови на војна или вонредна состојба, како и за време на обука, воена вежба, приправност или контрола на борбената подготвеност, ако е обучен за тоа.

Измените предвидуваат и по прв пат воведување на почесни чинови, кои може да се доделат на граѓани на Црна Гора кои биле официри дури и во армиите на поранешните држави, заради заслуги во развојот на одбраната.

Освен Ден на армијата, кој се одбележува на 7. октомври, се предвидува свој ден да имаат и морнарицата, воздухопловството и пешадијата.