Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека се надева оти пред идната пролет Косово ќе постигне договор со Србија, кој би вклучувал промена на границите и размена на територии.

Промената на граници не е идеја која сакам да ја презентирам, но по конфликтите и преговорите, заклучувам дека тоа е единствено разумно решение за двете страни. Ако двете страни се договорат, никој не може да се спротистави, договор меѓу двете страни носи стабилност, изјави Тачи во интервју за француската телевизија Франс 24.

Косовскиот претседател им порача на оние кои се против оваа идеја да кажат дали имаат подобра понуда и посочи дека Пандорината кутија не се отвора со размената на територии, туку дека токму сега е отворена.

Денес Србија и Косово постојано си ставаат пречки една на друга. Без таков договор Косово и Србија ќе имаат блокирана иднина и јас не сакам тоа да се случи, изјави Тачи.