Македонскиот раскол, благодарение на Божјата љубов и промисла е исцелен, па сега таму имаме браќа и сестри во потполната смисла на зборот, изјави српскиот патријарх Порфириј во интервју за рускиот теолошки портал „Богослов.ру“, дадено за време на неговата неодамнешна посета на Русија.

Осврнувајќи се на надминатите недоразбирања и признавањето на Македонската православна црква, Порфириј истакнува дека одлуката во СПЦ била донесена едногласно, со полнотата на Соборот, водејќи се од црковниот етос, а не од земските интереси, исклучиво за спасението на луѓето кои живеат и на територијата на Македонија.

– Многу луѓе тоа не можат да го разберат, па некој од нашата црква вели: ‘Направивте компромис, ги предадовте интересите на српската црква, на српскиот народ, продадовте српски земји’ итн. Меѓутоа, историски гледано, дури и во канонската смисла на зборот, црковните територии, епархиите на просторот на денешна Македонија, припаѓале на јурисдикцијата на нашата црква само од 1920 до 1966/67 г. А, во сите други историски периоди, дури и во времето на свети Сава, епархиите, во црковната смисла на тој збор, од територијата на денешна Македонија, не ѝ припаѓале на Српската православна црква. Значи, дури и да погледнеме во контекстот кој всушност не постои за нас, да речеме дека е ’легитимен’, дури и во таа смисла не направивме нешто што е спротивно на ’интересите на Српската православна црква’. Друго нешто е тоа што во политичката смисла на тој збор, тие територии некогаш им припаѓале на владетели на српските држави. Понекогаш српските владетели имале свои територии длабоко во Грција, некои дури имале амбиции и биле толку моќни, да станат цареви на Византиското царство. Меѓутоа, како црковни луѓе никогаш не смееме да ги мешаме политичките параметри и контексти со црковните контексти, но дури ниту тоа не е суштински важно за Црквата. За Црквата е суштински важна грижата за спасението на конкретниот човек. Црквата ги има сите можности, право и обврска, размислувајќи за спасението на секој човек, да донесува одлуки кои му служат на тоа спасение и во овој конкретен случај, како што тоа е случај и во принцип кога зборуваме за начинот и за одлучувањето и за структурата и природата на православната Црква, посочува српскиот патријарх.

Српскиот патријарх Порфириј вчера по сослужувањето на заедничка литургија со aрхиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, ја одобри и упати благослов за авто

Нагласува дека СПЦ на Собор одлучува соборно и ниту една одлука не е одлука на еден, дури и ако тој е патријарх.

– Кај нас црквата функционира според принципот на соборност, каде што првиот е прв меѓу еднаквите на себе – primus inter pares, а не прв кој нема рамноправни меѓу своите браќа. Оваа одлука во нашата црква е донесена едногласно, со полнотата на Соборот, токму затоа што, благодарение на Бога, со Божјата благодат и Неговата промисла, сите отци на Соборот размислуваа молитвено, исклучиво за спасението на луѓето кои живеат и на територијата на Македонија и ја донесоа одлуката која ја сметаа за најспасоносна и најдобра и за нив, но и за сите нас, наведува патријархот Порфириј.

За поделбите и недоразбирањата во православната црква, тој вели таквите искушенија отсекогаш постоеле низ историјата кога доминирала човечката логика и индивидуалистичката свест, а не соборниот интерес.

– Денес кога имаме некои недоразбирања и кризи во нашата православна Црква, нив ги гледам како можности и повик – секој од нас пред Христа да се испита себеси, своето срце и своите причини. Сигурен сум дека, така да речеме, кризата во која како православна Црква се наоѓаме во овој момент, на крајот ќе биде причина за триумф на единството, на љубовта, на меѓусебното разбирање и на сведочењето на Црквата како една, света, соборна и апостолска Црква, која е дар, голем дар за секој од нас и не е наша лична сопственост со која располагаме и со која имаме право да се коцкаме, за кој било од нас да се наметне себеси како поважен од другиот, вели српскиот патријарх Порфирир во интервјуто за „Богослов.ру“, што го пренесува „Лирургија.мк