Денес се стремиме да пратиме порака на демократија, помирување, солидарност и разбирање, а во исто време, на најкатегоричен начин да изјавиме дека Македонија, Солун и Северна Грција не заслужуваат национализам, омраза и нетолеранција, изјави портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, во пресрет на говорот на Алексис Ципрас во Солун.

Не сакаме Солун да биде со завртен грб кон северните соседи, напротив да го врти погледот кон север, да ги прифати соседите, да биде град на демократијата и на светлината – изјави Ѕанакопулос.

Во интервјуто за солунското радио „Флеш 99.4“, Ѕанакопулос потенцира дека Ципрас нема да се обрати како премиер, туку ќе учествува на политички настан организиран од СИРИЗА, најголемата партија во владината коалиција.

Станува збор за политички настан на една партија, не станува збор за владин процес и ова треба да го сфатите и вие, но да го сфатат и екстремно десничарските јадра и екстремно десничарските сили кои што сакаат да создадат тензија што не му прилега на демократски Солун, објаснува портпаролот на грчката Влада.

Ѕанакопулос, коментирајќи ги закажаните протести во Солун, вели дека тоа се контра протести и практики што не може да ги прифатат како демократска земја и демократско општество.

Како ќе ви изгледаше доколку СИРИЗА поддржуваше контра протест на Конресот на Нова демократија за да протестира за пораките што денес ќе ги прати господинот Мицотакис за време на неговот говор на почетокот на Конгресот – праша портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.

Во однос на Договорот од Преспа, Ѕанакопулос вели дека со уставните измени постои целосно почитување на договореното, истакнува дека треба да се инсистира на фактот дека „реално е голема историска шанса за да се реши, можеби последното, големо идентитетско прашање на Балканот“, но и дека според него, со стапувањето на сила, договорот ќе доведе до нова ера во регионот.

Од измените на Уставот што се во тек во поранешната југословенска Република Македонија произлегува дека постои целосно почитување на Договорот од Преспа кој конечно, ги решава прашањата поврзани со иредентизмот и можните прашања што ќе можеа да произлезат ако не стигневме до заемно прифатлив и правно обврзувачки договор – коментира Ѕанакопулос во интервјуто.