Влошувањето на владеењето на правото и демократијата во Бугарија и непочитување на одлуките Европскиот суд за човекови права, се дел од темите за кои ќе расправа Европскиот парламент.
Eвропскиот парламент денеска ќе расправа за „значителното влошување на владеењето на правото, демократијата и основните права, вклучително за независноста на судството, поделбата на власта, борбата против корупцијата и слободата на медиумите“ во Бугарија. Резолуцијата за ова прашање ќе се гласа во четврток, на 8-ми октомври, откако минатата недела беше одобрена од Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ).
Во текстот на резолуцијата, меѓу другото, бугарските власти се повикуваат да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Станува збор за повеќе од 45 пресуди, меѓу кои и оние што се однесуваат на неможноста на македонското малцинство непризнато во Бугарија да регистрира свое здружение:пресудата од 19 јануари 2006 година, Обединета македонска организација Илинден и други (апликација бр. 59491/00); пресуда од 18 октомври 2011 година, Обединетата македонска организација Илинден и други (бр. 2) (апликација бр. 34960/04); пресуда од 11 јануари 2018 година, Обединета македонска организација Илинден и други (бр. 3) (апликација бр. 29496/16); пресуда од 11 јануари 2018 година, Јордан Иванов и други (апликација бр. 70502/13).
Во однос на овие предмети, Европскиот суд за човекови права во повеќе пресуди досега констатираше дека Бугарија направила повреди на членот 11 на Европската конвенција за човекови права, со кој е гарантирана слободата на собирање и здружување.
Comments are closed for this post.