Родители и деца што често го посетуваат паркот на српско-грчкото пријателство во Белград, организираа акција да насликаат еден ѕид  во паркот со цел да апелираат до несовесните сопственици на кучиња од тој дел на градот, коишто не го собираат изметот на нивните миленици.

Благодарејќи на средствата што ги донираа и собраа самите родители, белградскиот графити мајстор, Лортек , ќе наслика мурал со должина од 20 метри на кој ќе биде испишана пораката „Децата ве молат да собирате зад вашето куче“.

Несобраниот кучешки измет веќе неколку години претставува  еден од клучните комунални проблеми со коишто се среќаваат Белграѓани, а за кој институциите не успеваат да најдат решение. Тој проблем е особено присутен во општините во центарот на српската престолнина.

Сакаме повторно да гледаме во небото додека пешачиме, а не во плочникот – изјави една од организаторките на случувањето.