Во Белград синоќа се одржа уште еден протест на опозицијата  „1 од 5 милиони” против актуелната власт на Алекандар Вучиќ и Српската напредна странка (СНС), по што опозицијата во Пионерскиот парк, крај Претседателството на Србија постави шатор, со што симболично ја формира “Слободната зона”.

„Слободната зона”, како што е најавено, ќе „работи” секое попладне од 13 до 21 часот, и во неа опозицијата ќе организира прес-конференции. Движењето на слободни граѓани (ПСГ) и лидерот Сергеј Трифуновиќ ќе ја искористат оваа можност денеска, а во следните неколку дена, како што рече шефот на пратеничкта група на Сојузот за Србија (СзС) во Градското собрание, Никола Јовановиќ, ќе се менуваат „домаќините” на СзС и нивните лидери.

Во „Слободната зона” планирани се разговори и дискусии на граѓаните со пратениците, одборниците на опозицијата, со јавни личности, трибини, понекогаш и културни настани, како и емитување на „слободниот ТВ дневник”.

Протестите започнаа со говорот на актерот Бранислав Лечиќ, кој го праша претседателот Александар Вучиќ да соопшти какви последици ќе трпи Србија, бидејќи граѓаните не сакаат да го поддржат планот за разграничување со Албанците во Косово.

– Кој е вашиот план за Косово, Александре Вучиќу, какво е тоа разграничување? Овој народ мора да го знае она што му е важно и она што му е судбина. Со кого тоа ти го подели? И уште ни кажуваш – Последиците ќе бидат страшни. Дека ќе ги трпиме последиците за десет или дваесет години, бидејќи го отфрливме твојот непостоечки план. Какви последици Александар Вучиќу? Кажете ни јавно, да знаеме, рече Лечиќ пред граѓаните на Теразије во Белград.

Граѓаните испратија голем аплауз како симболична поддршка за сопственичката на Канал 9 од Нови Сад, Маја Павловиќ, која штрајкува со глад пред седиштето на РЕМ во зградата на Домот на синдикатите.

Како што изјавија лидерите на СзС, „Слободната зона” е формирана бидејќи „властите продолжуваат да ги игнорираат барањата на луѓето кои протестираат речиси пет месеци”.

На протестот одржан на 13 април беше упатено барањето за формирање заедничка комисија на власта и опозицијата за дефинирање фер и правични изборни услови, избор на нов состав на Регулаторната комисија за електронски медиуми (РЕМ) и изборот на техничкиот и уредничкиот тим на Радио Телевизија на Србија и на Радио Телевизија Војводина