Пред општите избори во БиХ, селото Подгора ги предупреди кандидатите од сите партии да не доаѓаат таму. “Не лажете со години, во Подгора не е добредојдена ниту една партија”, пишува на големиот транспарент.

Некои партиски активисти не веруваа дека Подгорани се сериозни и поставија плакати. Тие веднаш биле искинати. Мештаните сами собрале пари за транспарентот, по десетина евра, што не е мала сума за невработените селани кои преживуваат благодарение на повратниците и стоката која ја чуваат во селото.

Во БиХ, повеќе од една третина од граѓаните официјално се невработени. Според невладината организација „Унија за одржлив поврат“, 170 илјади Босанци си заминале од земјата од пописот во 2013, кога земјата имаше 3.5 милиони жители.

Босна и Херцеговина в недела ја очекуваат уште едни општи избори на кои граѓаните на државата ќе бираат претставници на трите нивоа на власт. Ќе учествуваат вкупно 128 политички субјекти, и тоа, 53 политички партии, 36 коалиции и 46 независни кандидати.

Тие ќе се натпреваруваат за членови на Претседателството на БиХ, за пратеници во Парламентот на БиХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентот на федерацијата на БиХ, претставници во Народното Собрание на Република Српска, за претседател и двајца потпретседатели на тој ентитет и за пратеници во собранија на десет жупании во Федрацијата БиХ.

Право на глас на изборите имаат нешто повеќе од 3,3 милиони гласачи. Тој податок предизвикува полемика бидејќи на пописот од 2013 година во БиХ е утврдено дека има околу 3,5 милиони жители.