Двајца полицајци се изрешетани рано утрово во размена на оган помеѓу нив и крадци на коли во Сараево. Едниот загинал на лице место, додека другиот им подлегнал на повредите по неколку часа борба за живот во болница. Во Сараево и околината тече голема полициска акција за пронаоѓање на сторителите, а вклучени се сите агенции.
Медиумите пренесуваат дека пукотницата се случила околу четири часот наутро во населбата Алипашино Поле. Лицата кои пукале во полицијата биле во обид да украдат автомобил „Голф6“. Меѓутоа, среде кражба, пристигнала полициската патрола, а тогаш крадците отвориле оган од автоматски пушки.
Како што јавува Српска Инфо, еден од полицајците е убиен на стотина метри од куќата каде живее неговата мајка. Таа веста за убиството на синот Давор Вујиновиќ ја дознала преку утринските вести на телевизија.
Сите за оваа трагична вест дознавме преку телевизија и порталите, веднаш и се јавив на сопругата на Давор, која веќе беше на пат кон болница, рекла Бранка Север, пријателка на мајката на полицаецот.
По неколку часа борба за неговиот живот, во болница почина и другиот полицаец, Адис Шеховиќ.
Comments are closed for this post.