Албанскиот премиер Еди Рама, од собраниската говорница го обвини претседателот Илир Мета за неговите постапки, велејќи дека „додава бензин на огнот“. Рама му порача на Мета дека и покрај се што се случува во земјата, изборите на 30 јуни ќе бидат одржани.

На 30 јуни ќе биде изборен ден, сакале или не оние кои додаваат бензин на огнот или оние кои го следат огнот. Како и да е, она што ни припаѓа нам на сите кои се на вистинскиот пат, е да бидеме решителни и воздржани. За жал, ова е, исто така, резултат на скандалозно вклучување на оној кој и денес е во канцеларијата на претседателот, но кој го изгуби правото да остане во таа канцеларија со додавање бензин на оганот, обвини Рама.

Тој посочи дека пред два дена добил информации оти луѓе кои можат лесно да се идентфикуваат, а се поврзани со четворката (Мета, Баша, Круемади, Бериша) која силно се спротивстави на изборите и на Европа, комуницирале со некои луѓе во затворите, барајќи од нив „да преземат дел од нивната измислена револуција“.

Како што додаде Рама, веднаш по таа информација претседателот испратил писмо до Затворската управа со загриженост за ситуацијата во затворите и барајќи одговор дали се преземени сите потребни мерки за безбедност во нив .

Доколку претседателот навистина беше заинтересиран за ситуацијата во затворите, најмалку што требаше да направи е писмото да не го објавува и да не го испраќа на погрешна адреса. Ако се чувствува како врховен командант, тогаш за информации за сотојбата во затворите требаше да се обрати до ресорните министри. Директорите не се номенклатура на претседателот – рече Рама.

На писмото на Мета до затворската управа тој доби одговор дека во затворите состојба е нормална и оти сите стандардни мерки редовно се спроведуваат.