Шефот на државата Румен Радев упати честитка до претседателот Стево Пендаровски по повод државниот празник Илинден – Денот на Републиката, соопшти прес-службата на Радев
Бугарскиот претседател во честитката забележува дека годинава се одбележуваат 120 години од Илинденско-преображенското востание – „голем и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Република Cеверна Македонија“.
Целта и саможртвата на хероите од Илинденско-Преображенското востание е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете држави и нивните граѓани.Одразот на идеалите за слобода, еднаквост и братство на нашите предци денеска го препознаваме во основните права на Европската Унија, кон кои искрено посакуваме да се приклучите, посочува Румен Радев.
Радев ја изразил поддршката на Бугарија за „напорите на Република Cеверна Македонија за целосно спроведување на критериумите за членство, како и за сите преземени обврски и постигнати договори на патот на земјата кон ЕУ“.
Во честитката посочува и дека контактите меѓу народите на двете земји се важен начин за градење искрени добрососедски односи.
Тој забележува дека постигнатите договори меѓу „Бугарија и Република Cеверна Македонија за заедничко одбележување на настаните за нашата заедничка историја даваат одлична можност за зближување“.
Убеден сум дека заедно можеме и мораме да ги решиме отворените прашања во билатералните односи, што се очекува од нашите граѓани и е во име на нашата заедничка иднина во Обединета Европа, истакна и шефот на бугарската држава во честитката.
Comments are closed for this post.