Сплитската полиција утринава приведе три лица осомничени занападот на ватерполистите на белградскиот клуб „Црвена ѕвезда“. Кај едниот од нив бил пронајден дрес од српскиот клуб.

Полицијата извести дека по уште две лица се трага.

Тројцата ватерполисти на Црвена Звезда завчера беа нападнати во Сплит пред натпреварот во регионалната лига со Морнар.

Хулиганите со палки, метални шипки и ножеви ги нападнале спортистите додека седеле во кафуле на кејот во хрватскиот град. Најпрвин побарале од нив да ги соблечат маиците со обележја на „Црвена ѕвезда“, а потоа физички и вербално ги нападнале. Едниот од ватерполистите, Александро Краљ, за да се спаси скокнал во морето. Тој се здобил со полесни повреди на главата.

Според очевидци на настанот кога излегол од водата тој рекол: „Да не скокнев во морето ќе ме убиеја“.

Според иочевидците Краљ извикувал: „Јас сум од Котор, Црногорец сум, не сум Србин“.

Србија најави дека ќе ѝ врачи протестна нота на Хрватска поради инцидентот.

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ го осуди хулиганството.

И хрватската влада излезе со осуда. Премиерот Андреј Пленковиќ разговарал во врска со инцидентот со министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и со градоначалникот на Сплит, Андро Крстуловиќ Опар, изјавил портпаролот на хрватската влада, Марко Милиќ, за „Хина“.

„Владата на Република Хрватска најостро го осудува хулиганскиот напад на ватерполистите во Сплит. Претседателот на владата во текот на денот разговараше за околностите на случајот со Божиновиќ и со Крстуловиќ Опар“, рекол Милиќ.