Хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ, доцна синоќа преку твитер, го осуди хулиганството на неколку лица од Сплит врз ватерполистите на Црвена Ѕвезда, кои беа физички нападнати откако ги препознале нивните клубски симболи.

Китаровиќ напиша дека хулиганството е за секоја осуда, насилството е неприфатливо, а им се заблагодари на совесните граѓани кои им помогнаа на ватерполистите.

Тројца ватерполисти на Црвена Звезда завчера беа нападнати во Сплит пред натпреварот во регионалната лига со Морнар.

Хрватските медиуми пишуваат дека хулиганите со палки, метални шипки и ножеви ги нападнале спортистите додека седеле во кафуле на кејот во Сплит. Најпрвин побарале од нив да ги соблечат маиците со обележја на „Црвена ѕвезда“, а потоа физички и вербално ги нападнале. Едниот од ватерполистите, Александро Краљ, за да се спаси скокнал во морето. Тој се здобил со полесни повреди на главата.