Не поминала средбата во Солун мазно меѓу грчкиот премиер Алескис Ципрас и локалните бизнисмени, објавија денес грчки медиуми.
Премиерот Ципрас се подготвува за посетата на Македонија, но и за локалните избори, па за таа цел имаше разговори со бизнисмените од северна Грција кои му изнеле сериозни забелешки и проблеми поврзани со Преспанскиот договор и со користење на името „Македонија“ на производите.
Најпрвин во Солун граѓани извикуваа по Ципрас дека е „предавник“, а потоа доби и „црвен картон“ и од Михалис Зорпидис, претседателот на Комората на Солун. Според „Екатимерини“ тој на премиерот му рекол дека не оди со него во посета на Македонија „се додека таа земја го користи името кое не и припаѓа“.
И покрај ваквата порака, Ципрас се обратил до 40 бизнисмени и ги повикал да инвестираат во соседната земја.
„Ѕидовите паднаа“, рекол Ципрас мислејќи на Преспанскиот договор и истакнал уверување дека северна Грција ќе може да сврти нова страница и да ја подобри економијата.
Но, не бил само Зорпидис гневен на Ципрас, затоа што како што објавува „Ефимерида“ најгласен во критиките бил кралот на виното од северна Грција, Евангелос Геровасилиу. Тој рекол оти бил шокиран од тоа што го видел на Меѓународниот саем на виното во Германија каде винарии од Македонија се претставиле со „вино од Македонија“ и со етикета „македонско црвено“. Според него, тоа е кршење на Преспанскиот договор. Тој сликал и шишиња со вино на кои се наоѓаат портрети на Александар Македонски и на Хермес кои ги објавил во весникот „Хестиа“.
Овие луѓе господине премиер бараат внимание. Виното влегува дома, се сервира во ресторани на илјадници луѓе, тоа не е непознат производ. Особено кога станува збор за национални симболи, а Александар Велики е национален симбол“, рекол винарот Геровасилиу.
Според „Хестиа“, Ципрас му реплицирал:„Донесете ми ги тука! Ги сакам! Тоа е доказ за кршење на Преспанскиот договор. Тоа ќе ни помогне. За жал сега треба да бидеме малку трпеливи“.
Инаку, Ципрас, заедно со министерот за одбрана, доаѓаат во Македонија на 2 април во период кога неговата популарност во Грција паѓа надолу. Според последните анкети направени од Галуп, неговата Сириза заостанува зад опозициската Нова демократија за цели десет проценти. Главни индикатори за тој пад се Преспанскиот договор и економијата.
Comments are closed for this post.