Потрагата по повеќекратниот убиец Един Гачиќ во Босна и Херцеговина трае веќе една седмица, а за апсење на опасниот злосторник ангажирани се нови 130 полицајци кои од другите кантони пристигнаа на помош на колегите во Сараево.

Поради сомнеж дека Гачиќ би можел да се врати на територијата на општина Коњич, полицијата врши контрола на возовите кои пристигнуваат и си одат од општината.

Сите расположливи сили се на терен и заедно со припадниците на Министерството за внатрешни на Кантонот Сараево и останатите државни агенции интензивно се трага по Един“, изјави Људевит Мариќ, портпаролот на МВР на Кантонот Сараево.

Полицијата од неделата Гачиќ службено го бара и заради убиство на полицаецот Махир Бегиќ, и тоа по балистичката обработка на чаурата пронајдена на местото на убиството.

Како што наведуваат медиумите во БиХ, утврдено е дека чаурите пронајдени во Суводол се испалени од истото оружје како и во случајот на убиството на Сауд Султаниќ во Подораш. Според очевидци, убиецот врз полицаецот Бегиќ испукал три куршуми во гради и еден во глава.

Един Г. во моментов е најбараниот човек во БиХ, а потрагата по него се рашири низ целата земја. „Имате човек кој е луд и кој е на слобода“, предупредуваат од Кантонот Сараево.

Осомничениот, како што наведуваат медиумите од БиХ, бил припадник на озогласениот одред „Ел Муџахедин“, а пред ова тој извршил уште две убиства. Тој во 1998 година го убил соборецот Исмет Гуниќ, а во 2002 животот и го одзел на својата мајка.

Откако во КПУ „Зеница“ поминал скоро 15 години, преместен е во затвор во Бихаќ, а кон средината на 2017 година ја отслужил казната и излегол од затвор.